|
Почитувани колеги,
Имам чест и задоволство од страна на Организацискиот одбор на 17-иот конгрес на лекарите на Р Македонија да ви пожелам добредојде во Охрид. Конгресот на лекарите на РМ, којшто се одржува успешно во последните 60 години, се востанови како најголем форум на македонските лекари, што ја покажува нашата желба и волја да ги споделиме професионалните, стручните и научните искуства и достигнувања.
Целта на научната програма на Конгресот е да излезе во пресрет на нашата потреба за континуирана едукација и да ги информира нашите учесници за најновите тековни трендови, како и за идните насоки во медицината. За време на Конгресот ќе се одржат повеќе пленарни сесии, симпозиуми, едукативни семинари, реферати на главни предавачи, тркалезни маси, усни и постер-презентации. Веруваме дека сесиите со усни и постер-презентации се подиум не само за покажување на нашата стручна и научна работа, туку и добра можност за добивање увид во работата на другите колеги.
Покрај редовната програма на конгресот ќе се организираат и неколку сателитски симпозиуми, кои исто така ќе бидат акредитирани за КМЕ.
Се надеваме дека 17. конгрес на лекарите на Р. Македонија, со Вашиот придонес ќе биде настан што ќе се памети како и претходните наши конгреси.
Добредојдовте во Охрид на 17. конгрес на лекарите на Р Македонија!
Со најубави желби,
Проф. д-р Јован Тофоски
Претседател на 17. конгрес на лекарите на Р Македонија
|